Колку пари троши Данела за шминка на скопските улиците?

Веќе пишувавме дека на булеварот АСНОМ во Ново Лисиче само е сменет асфалтот на коловозните ленти, не е сменета ширината на коловозот и лентите, не е изведена безбедна велосипедска инфраструктура на јужната страна, а ни пешачка ни велосипедска инфраструктура на северната страна. Пропуштена е уште една шанса да се изведе безбедна инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот.

Но ова не е единствениот пропуст при реконструкција на улиците, тоа се случи со улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Даме Груев“ итн. Друг проблем е што таа и не открива која е вкупната сума која е потрошена на овие т.н реконструкции.

Велосипедистите од „На точак“ откако деновиве Град Скопје информираше дека е завршена реконструкцијата на булеварот АСНОМ и сподели фотографии како изгледа сега, по реконструкцијата, велат дека во оваа состојба улицата стимулира брзо и небезбедно возење на автомобили, а не дозволува никакво возење на велосипеди, ни движење на пешаците на една страна.

Дополнително, на останатите три страни на булеварите околу Ново Лисиче има издвоени велосипедски патеки.Со одлуката да не се изведат велосипедски патеки или ленти и на овој булевар се пропушти шансата ова да биде вториот блок во Скопје кој е целосно обиколен со безбедна велосипедска инфраструктура – велат од „На точак“

Велосипедистите прават споредба со блокот кај Соборен Храм, кој, како што велат, е првиот блок во Скопје обиколен со велосипедски патеки и ленти од сите четири страни на растојание од 200-250 метри меѓу себе, нешто што е препорачаната дистанца меѓу велосипедски патеки и ленти меѓу себе во населени средини.

Дали навистина широки и писта-прави коловози на кои нема пешачка и велосипедска инфраструктура, а кои двојат населба од детско игралиште ќе овозможуваат зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот? Наместо да се следи текот на развој на градот во претходните 10 години, со вакви автоцентрични одлуки Град Скопје регресира во планирањето на сообраќајот – прашуваат велосипедистите.

И поранешниот шеф на кабинет на ексградоначалникот Петре Шилегов, Никола Наумоски, смета дека станува збор само за заменет асфалт на коловозот, а не за реконструкција.

Веќе некое време во Скопје не се ни прашува за она што беше правило некогаш – секоја нова реконструкција на улица или булевар доаѓаше со нови велосипедски патеки, тротоари, дрвореди. Се пропуштаат важни прилики да се подобри градот, Рузвелтова, Бледски Договор, Даме Груев… се реновираа на ист начин. Некогашните активисти со лекциите за автоцентричност на улиците нигде ги нема. Сега е пропуштена приликата цело Ново Лисиче да биде опколено со велосипедски патеки. Претходните три (на булевар Србија, булевар Видое Смилевски. – Бато и Февруарски Поход) патеки се направија во претходниот мандат. Данела само требаше да го продолжи проектот. И понатаму ќе останат без тротоар жителите на Ново Лисиче на брз и фреквентен булевар, без безбеден пристап до паркот и до фудбалските терени од другата страна на булеварот – напиша Наумоски на Фејсбук.

Од Град Скопје пак, соопштија дека е завршена реконструкцијата на булеварот при што е направена целосна реконструкција на коловозот со рабници и тротоари и дека е извршено е и нивелирање на шахти и сливници. Со реконструкцијата, сметаат од Градот се зголемила сигурноста и безбедност на учесниците во сообраќајот.

Секако, во соопштението, ниту во февруари, ниту сега не стои кој ја изведувал реконструкцијата, и колку чини овој зафат.

Арсовска во април се пофали и за Гологанов

Шест месеци траеше реконструкцијата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов и конечно во април  беше повторно воспоставен нормален сообраќај, но лошо се изведени велосипедски патеки, криви дрвореди, тесна улица жардинери на тротоари, паркирани возила, врдеше ли шестмесечната блокада на сообраќајот на улицата за квалитетот на крајниот производ.

-На должината на трасата од 510 метри, се реконструираше површина на коловозот од 6300 метри квадратни и на тротоарите од 3350 метри квадратни. На локацијата се поставени нови рабници во должина од 1300 метри, нови 16 канделабри кои користат лед осветлување со контролери за заштедата на електрична енергија, а засадени се и 30 нови дрвја.Булеварот кој се наоѓа во центарот на главниот град, немаше канализациона мрежа која во рамки на проектот се изгради, а дополнително се реконструираше и водоводната мрежа согласно потребите на постоечкиот степен на урбанизација, рече Арсовска.

Како што беше најавено, изведени се две нови велосипедски патеки. Едната поминува среде пешачката патека на потегот од Клуб на пратеници кон крстосницата со булевар Св. Климент Охридски, на која се оставени старите плочки, а другата се наоѓа на коловозот, покрај асфалтираниот тротоар и е одделена од лентата за возила со заштитни столпчиња, а ненадејно завршува после бензиската кај АМСМ.

Велосипедските патеки се и нејасно поврзани со тие на бул. “Климент Охридски”

За да се испразнат големите контејнери,  специјалните возила што им приоѓаат од коловозната лента,  ќе мора да се паркираат на велосипедска лента.

Не е јасно дали воопшто некој размислил за овој проблем кога се подготвувал проектот за реконструкција, но повторно ништо не е решено со габаритните садови за отпад.

Велосипедистите, пак, посочуваат уште еден проблем со новата велосипедска патека, а тоа е дека заштитните столпчиња се поставени на преголемо растојание што овозможува на неа да се паркираат автомобили, можност што веќе ја користат несовесните возачи. И на само на велосипедската патека, туку и понатаму има паркирани возила на тротоарот, кои исто така се протнуваат низ широко поставените столпчиња.

Граѓаните на социјалните мрежи на шега коментираат да не и текне на градоначалничката да ја реконструира улицата “Партизански одреди” оти ќе и требале 5 години да ја заврши.

Реконструкцијата чини околу 700.000 евра, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Бауер“.

Реконструкцијата на „Даме Груев“

Реконструкцијата на втората фаза на улицата „Даме Груев“ од раскрсницата со ул. „Димитрие Чуповски“ до раскрсница со ул. „Македонија“, сообраќајница која беше во лоша состојба и континуирано е посочувана од жителите како опасност по учесниците во сообраќајот исто така беше само „шминка“.

Тесна улица жардинери на тротоари, паркирани возила, врдеше ли шестмесечната блокада на сообраќајот на улицата за квалитетот на крајниот производ?

Градежните работи на терен ги извршуваше градското јавно претпријатие Улици и патишта Скопје, но Град Скопје не кажа која е вкупната сума на проектот.

 

Соња Танеска

 

 

 

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави