Фото/Градска редакција

Советниците не ги изгласаа субвенциите за ЈСП, Скопје останува без автобуси

Советниците во градскиот Совет на вонредна седница, која заврши пред малку, не ги изгласаа субвенциите за ЈСП „Скопје“ за 2024 година што беше услов на синдикатите од ова претпријатие за повторно да профункционира јавниот градски превоз кој од утрово од 9 часот е во прекин. Тоа значи, дека скопјани остануваат без автобуси, до кога е сосема неизвесно, а неизвесно е и како ќе функционираат граѓаните затоа што овојпат не возат ниту приватните превозници.

За изгласување на субвенциите недостасуваше само еден глас, „за“ се изјаснија 22 советници, а беа потребни 23. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и овојпат остана на својот став и не гласаше за субвенциите со образложение дека и понатаму нема објаснување од ЈСП за што се потрошени претходните субвенции, доделени во ноември во износ од 2 милиони евра, кои беа доделени за исплата на плати за вработените во претпријатието за ноември и декември. Според нив, субвенциите кои сега се гласаат треба да се наменети за плати за оваа година и не може двапати да се исплаќаат субвенции за плати во декември.

Одлуката на Советот беше пречекана со негодување и свирежи од вработените во претпријатието, кои повеќе од два часа чекаа пред бараките на Град Скопје.

Претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски по седницата соопшти дека има сознание дека за еден час ќе се одржи повторно вонредна седница, затоа што некој од советниците што не биле присутни сакал да се изјасни. Тој рече дека тие остануваат пред бараките на Град Скопје во очекување да има денеска уште една вонредна седница. Доколку таа не се одржи како што рече, Скопје останува без превоз.

„За ваквата состојба на ЈСП не може да се обвини советот на градот. Ние како законодавна власт вршиме контрола врз извршната власт. Имаме право да прашуваме и да бараме отчетност од Јавните претпријатие. Оној кој има чист образ не бега, и очигледно вие немате чист образ, тој што е лист не бега туку ги објаснува трошоците на претпријатието, нема да подржуваме вакви одлуки„  рече советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Филип Јаневски.

На вонредната седница на Град Скопје за субвенциите за ЈСП, советниците на СДСМ рекоа дека ќе го подржуваат одлуката за субвенционирање на ЈСП  и да се овозможи вработените да земат плата, но побара протестите друг пат да се префрлуваат пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие ги блокираат субвенциите.

Н.Ш

 

АКТУЕЛНО