Археолошкиот локалитет Тумба-Маџари се наоѓа на источниот крај на Скопје, во населбата Ченто, близу до стадионот „Борис Трајковски“. Во археолошката литература е познат од 1961-1962 година, кога се извршени археолошки истражувања за изградбата на автопатот.
Денес тешко се забележува, бидејќи 2/3 од населбата се окупирани од куќи подигнати во доцните шеесетти и седумдесетти години од ХХ век. Во годините пред тоа Тумбата доминирала над околното рамно поле. Недалеку од неа, на север и на запад, се издига ниското ритче, односно срт што од Гази Баба и Камник се протега на исток и североисток.
Првите археолошки истражувања се извршени во 1978 година, а резултатите покажале дека се работи за населба од Неолит со три фази на живеење. Најстарите археолошки наоди откриени на Тумба потекнуваат од крајот на раниот Неолит.
Тој е документиран и претставен со повеќе керамички фрагменти сликани со бела боја и една женска статуетка со стеатопигија. Најголемиот дел од артефактите и археолошките податоци се од средниот неолит – Анзабегово-Вршник II-III.
Во тој период населбата го доживеала својот најголем економски и културен развој. Крајот на животот населбата е во почетокот на доцниот Неолит, на крајот на Анзабегово-Вршник III фазата, евидентиран со мал број предмети, меѓу кои е една минијатурна статуетка со птичјо лице. Доцно неолитскиот слој на Тумба отсуствува, можеби е разорен во ХХ век, или во праисторискиот период населбата заради непознати причини престанала да живее на тоа место.
Резултатите од археолошките истражувања покажале дека населбите тумби, па и Тумба-Маџари, се настанати со перманентно наслојување, што е резултат на човековото живеење и природната седиментација.
Првите куќи врз плодните ниви
Првите куќи биле подигани врз плодните ниви. Во текот на времето тумбите се зголемувале во широчина и во височина. Населбите се палеле и разурнувале, потоа теренот бил зарамнуван, а куќите одново се градени и обновувани. Во етнолошкиот дел на Музејот на Македонија постојат неколку фотографии од селото Таор и езерото Шамак снимени од Б. Дрнков пред да се извршат хидромелиоративните зафати за да се исуши езерото Шамак 1954 година. На едната се гледаат неколку куќи – колиби (тролови) градени на ист начин како и неолитските, а на други риболовот на езерото.
Подот на куќата е подигнат на неколку дрвени столбови над земјата заради заштита од вода. Овој традиционален начин на градење ги задржал сите стари елементи познати уште од Неолитот откривани во ископувањата на Тумба-Маџари.
Бидејќи целата населба не е истражена, тешко може да се каже колку луѓе живееле во неа во одредени фази. Тумба-Маџари ќе биде повторно населена во шеесеттите/седумдесеттите го- дини од ХХ век. Но, за жал, таа изградба дефинитивно ќе ги уништи неолитските културни слоеви на најголемиот дел од населбата. Основната урбанистичка концепција позната во другите неолитски региони веројатно била применета и во Тумба-Маџари. Имено, околу еден средишен празен простор се наоѓале куќите со различна меѓусебна оддалеченост и големина. На средишниот плоштад се одвивале заеднички општествени ак-План на откриените куќи.
Како што беше кажано погоре, куќите се градени со традиционален начин својствен за сите земјоделски цивилизации. Денес сè уште по македонските села може да се најдат вакви куќи, колиби, кошари и плевни. Тие помагаат да се реконструира изгледот на неолитските куќи. Исто така, моделите на куќите-жртвеници од неолитот овозможуваат со голема веродостојност да се направи реконструкција барем на надворешниот изглед. Внатрешниот распоред според археолошките истражувања е автентичен за секоја куќа.
Најден богат репертоар на садови
Од богатиот репертоар на садови се истакнуваат убавите лејкести „амфори“ сликани со темнокафени или кафеави орнаменти на бледа окер боја. На Тумба-Маџари се откриени и повеќе фрагменти од овие луксузни садови. Два се откриени цели во Куќата 1 и еден без вратот од Куќата 3. Сите три вази имаат иста форма и иста концепција на декорацијата. На стомакот се исцртани вертикални полиња со кафеава боја, а во нив се насликани шрафирани лисја поврзани со основната линија (како лист на гранче).
Уште првите истражувачи на Анза- бегово-вршничката културна група укажале на овој флорален орнамент за кој сметале дека се лисја од маслина. На стомакот имаат кафеави српести украси, а на вратот малиот сад има спирала што тече, како и поголемиот венец од ромбови. Садовите од Куќата 1 и од Куќата 3 се со иста големина и немаат држалки на стомакот; само по три мали елипсести вдлабнувања. Малиот сад има 4 вертикални тунелски држачи во кој се ставала јаже.
Теракота со претстава на глава на жена
Во 1984 година, при ископот на подрум на една куќа на Тумба, на ул. „Финска“, што е во центарот на Тумба, Горан Ристевски случајно откопал теракота со претстава на глава на жена. Таа е многу маркантно извајана, со природна големина, моделирана околу еден дебел колец од непречистена земја, мазната со неколку слоја бледа окер глина. Лицето е рамно/сплескано, со врежани очи, пластично изведени веѓа и нос. Мајсторот не направил уста. Особено внимание посветил на фризурата која е со пластични длабоки бразди – плетенки со- брани на левата страна во кок. Засега останува без соодветни аналогии и останати научни информации, но се смета дека е дел од некоја претстава на Големата Мајка со импресивни димензии. Воопшто, антропоморфната пластика на Тумба е многубројна. Уметноста претставува посебен научен предизвик и делумно е обработена. Таа го открива духовниот живот на овие луѓе што живееле во текот на VI милениум пр. н.е.
Tоа што беше презентирано во Музејот на Македонија, како и керамичките садови е само мал дел од севкупните информации што ни ги оставил неолитскиот човек за себе и својот свет од овој локалитет. Никогаш целосно нема да го откриеме неговиот духовен живот, бидејќи освен во пластичните, за другите уметности – приказните, песната, музиката, играта, танцот, болестите и лекувањето – нема материјални остатоци.
На Тумба-Маџари не се откриени гробови на неговите жители, така што за погребниот ритуал и верувањата поврзани за него засега немаме информации. Досега единствено е откриено погребување на едно бебе датирана во средниот Неолит.
Резултатите од археолошките истражувања
Резултатите од археолошките истражувања на Тумба-Маџари во изминатите три децении дадоа голем број археолошки предмети и научни информации. Мал дел од нив беа презенти- рани во постојаната поставка на Музејот на Македонија и некои тематски изложби во земјата и странство. Но тоа се само археолошки движни предмети што може да се сместат во музејски витрини, и тоа во ограничен број. Останатите недвижни резултати, куќи со внатрешниот инвентар како печки, огништа, мелници, кади и други објекти и археолошки ситуации, остануваа целосно непознати за пошироката јавност. Затоа, во 2007 година започнаа подготовките на проектот Реконструкција на неолитското село Тумба-Маџари. Целта беше да се направи реконструкција на животот на Тумба во VI милениум пр. н.е. Од октомври 2008 година до- сега е извршена реконструкција на куќите 1, 2, 3, 4 и други придружни објекти на начин и со материјал како во периодот на неолитот.
Неолитското село има научна основа и туристички потенцијал и препознатливи културни контури, што се предизвик за посета и нè води во длабокото минато, кое е неколку илјадалетија постаро од појавата на писмото. Археолошките артефакти се единствените раскажувачи за начинот на живот и верувањата на тогашните жители на Тумба.
Извор на информациите: Управа за заштита на културното наследство
Н.Ш